header image
 

Ноќна песна

Секогаш некој стих недостига во мојата душа,
Како сон што сум го заборавил.
како;
Тој сонува со моите соништа,
Ти заспиваш со нашите соништа,
Јас не спијам,

***

Нека остане ваква нашата судбина
Како нечиј план! Безграничен
Како што вселената бескрајна, крај нема,
(недовршена е)
како љубов или смрт нежна,
или видикот позади планините, немерлив.

Со глас на демон молчам во тишината.
Нешто секогаш недостига во моите песни.

2.

Многу погледи можат да се кажат со еден збор;
“Можеби” како сосем доволен.
Потоа ќе се заборавиме.

Многу од овие моменти ќе изгаснат во утрото.

Ќе се сетам на тебе кога ќе паднат првите птици,
Ќе се стопи снегот во твоите зеници
Пролет ќе дојде!
И во следниот живот, насмеан,
Ќе се родам мислејќи на тебе.

Ми недостига мирисот на твојата коса,
Дланките над моето чело.
Не можам да се сетам зошто.

Дожд.

Многу погледи можат да се кажат со еден допир;
Еден нокт од твојата кожа е сосем доволен.
Потоа ќе се заборавиме.

Сите овие моменти ќе поминат само во едно време.

Многу лисја пожолтеа над мојата душа.
Ме потсетуваш на мирис на снег што се топи,
На студен мартовски ветер
ќе умрам мислејќи на тебе.
Ќе биде нова година.

Ти ќе ме сонуваш како умирам во пролет,
ќе ти доаѓам насмеан во соништата.

Ми недостига зима,
Ми недостига лето,
Не можам да се сетам како се вика третото годишно доба.

Клетви

Од ноќва од ноќта да патиш.
Од згаснат камин
И нељубен кармин.
Да не те допрат нокти
Мир да немаш,
Очи за солзи,
да немаш се што имаш
Ни коси, Ни Небо
Ни љубов и непребол.
Како мене.

Сосем неословена песна за вистинската љубов

Те сакам;
Формирана си од целина на црни конци и бели плетки
Црвена уста и црвена коса и облаци во ноктите,
Си трчала по ливадите од кал и немирна трева.
Го сакам распоредот на дождот на твоите трепки,
Го сакам редот и мирот на сонцето во твоите влакненца,
И белата кожа и очите; кои ги имаат сите бои на Шар Планина,
И стравот и срамот до ненаспаните зеници,
Гордоста и вистината во свежите дланки, и,
Чистата збирка букви – зборови што ги шепотиш, и,
и што ги познаваш сите тајни и лаги и вистини.
Цела те сакам, и поради твоите лакти, ги сакам сите дворови што не ги напишав,
И сите куќи и снегови и порти и земните патеки од нивите до старите манастири,
И сите годишни времиња, и го сакам тоа што не те познавам,
Што те немам видено, те немам сонувано, те немам имано,
Те сакам, како што не можам да ја наведам искрата во твоето срце,
Колку што не можам да ја сакам Македонија и незнаените гробја на непознатите јунаци,
Колку што беше восхитена под олтарот од бесконечност на Бога,
кому му признавам дека ти постоиш за да сакам некој,
И некој постои за да ги сака твоите прамени и локни,
И бес и немир, и секој твој грев,
И секое твое доаѓање и заминување
кое се одвива паралелно со моето неприсуство,
Некој кој постои за да те потсети на смислата на твоето постоење
без мојот вид, зад мене, зад грбот на дивите костени на улицата
без да слушнам како ги крадеш секундите од џебот на старците,
Додека трчаш, додека си играш со твоите чекори,
И ја продолжуваш улицата позади зградите без керамиди
И немирот и трепетот и безгласот на (во) моето “те сакам”
и љубовта која не завршува во мојот ковчег и остриот мермер,
И ќе те сакам, додека ќе ме газиш, а јас ќе бидам сосема беззначајна камилица и трева.
Те сакам, а ти ќе ја прочиташ оваа песна, каде што заборавив и не го спомнав твоето сепостоење.

Прекрасна си

Со моите очи
Сонував со твоите соништа,
Те сонував тебе.
Прекрасна си;
Растеш во бакнеж,
Бледа си и бела,
одиш по мене,
ме следиш како мртва.
Прекрасна си.
Се раѓаш како мрак и ветер.
Живееш во луциден кошмар
Умираш сама.
Прекрасна си.
И така на перницата;
Сонувам зошто ти не сонуваш,
Спијам знаејќи дека ти не спиеш
Буден сум кога ти не си.
Со твоите очи,
Бладам по нашите соништа.
Прекрасна си.

Незавршени ноќи

Првата ноќ те сонував гола;
Месечината те донесе во дланките на ткаенината,
под мирис на ѕвездите на мраз и вода.
Под чергарски черги на несветло небо,
И ноќни птици и ноќни дрвја.

***

На твојата кожа немаше име,
Во твоите очи немаше боја.
Ја делевме самотијата.

***

Првата ноќ се разбудив сам
Немаше ѕид за допир ни завеси од страв.
Нема прамен од мирната коса
Само сон од копнеж и притаен кошмар.

Слики

Кога би се родил како сликар
Би цртал само облаци,
Но бидејќи селанец,
знам само да скинам цвеќе
и да ја газам тревата.

***

Кога би се родил како сликар
Би цртал само ноќно небо и ѕвезди.
Но бидејќи сиромашен,
Имам само хартија
И само време.

Создавање

Ќе измислам маж за секое име
Ќе извајам жена за секој маж.
Дете од дете.
Буква по буква.
Збор до збор.

***

Ќе заплачам колку да се наполнат морињата.
Капка по капка.
Ќе создадам облак за секое небо.
Здив по здив.
За секој мрак ќе нацртам ѕвезди.
Точка по точка.
Ден по ноќ
Ноќ по ден.
Ќе создадам планета.

***

Нека биде светлина.

Празна песна

Во оваа трева:
само недостојни парчиња остарена ноќ,
Неодамна усмртени ѕвезди, прав и белина.
Корите ќе изгнијат. Без лисја.
Нема цвет, ветер ниту перја.
Нема (…)
Нема многу мали работи

Под овој оган:
Кога би го видел морето
би скроил непотребни причини да постојам
И би постоил на бреговите од песок
И би плачел со сувото сонце
И би (…)
И потоа би заминал.

На оваа почва:
Некогаш ќе ме разбуди снег
Ќе ме заспие коса.
Ќе сонувам љубов.
Некогаш ќе сонувам реки
Некогаш (…)
Некогаш брег. Никогаш мир.

Спроти овој ветер:
Минато од злато.
Песни од луѓе.
(…)